Home » Мојата приказна за безболно породување со Елена

Мојата приказна за безболно породување со Елена

by mamma.mk

Дечки одамна ви ветив дека ќе го споделам моето искуство за породувањето со Јоана, ама за да ви доловам зошто велам дека постои безболно породување морам да ви ја раскажам приказната за раѓањето на Елена.

Ако милслите дека безболно породување не постои или е невозможно, јас сум жив пример за спротивното. Сите кои лично ме познаваат знаат за моето искуство и токму поради тоа безболно искуство дојде идејата да станам едукатор за породување.

Со приказнава сакам да ви кажам дека сите ние сме различни, имаме различни тела, различна перцепција на болка, различни доживувања. Породувањето е нешто најсубјективно, тоа е ваше лично доживување и само вие знаете како сте се чувствувале, дали сте биле смирени или не, дали болките биле минимални, издржливи или страшни и неиздржливи, дали породувањето било убаво и позитивно искуство или негативно, па дури трауматично. СИТЕ ДОЖИВУВАЊА И СИТЕ ЧУВСТВА СЕ ВО РЕД, тоа е ваше породување и ваши чувства. Не постои правило кога станува збор за породувањето, сите ние сме различни, во светот се породуваат околу 350 000 жени ДНЕВНО, сите нивни очекувања, доживувања,  искуства и ситуации се различни, но сите имаат нешто заедничко – водат кон најубавото нешто во вашиот живот, вашето бебе.

Породувањето не беше лесно бидејќи јас ги знаев сите овие работи кои ги знам денес како едукатор, зошто искрено тогаш не знаев скоро ништо :), можеби беше поради психичката спремност, смиреноста, техниките за дишење или едноставно функционирањето на моето тело, искрено ни јас не знам. Тогаш единственото знаење ми доаѓаше од неколку прочитани книги за бременост и породување и часови за породување во државна болница.

Кон крајот на бременоста не знаев воопшто што да очекувам, ги распрашував сите другарки за искуствата, некои од нив велеа “Не се раскажува за породување пред трудница”  а некои од нив кои ми ги споделија искуствата, ми раскажаа навистина страшни да не речам хорор приказни. Немав некоја претстава како се ќе се одвива породувањето ниту пак што да очекувам. Не знаев многу работи и многу работи ме изненадија и ме фатија неподготвена, како на пример не знаев дека пред породувањето се губи крвавиот мукузен слуз (се извадив од памет кога видов), не знаев дека пред самите родилни контракции може да има фаза на одмор во која ништо не се случува, исто не знаев дека после породувањето можат да ти направат масажа на матката (која за мене беше многу болна, за разлика од самото породување нели ?). Но за моја среќа, имав доста читано за контракциите, фазите на породувањето и имав увежбано техники за дишење на своја рака бидејќи не беа спомнати на ниеден час каде што одев во текот на бременоста.

Точно на полноќ ми пукна водењакот и со Коки цели возбудени со торбицата во раце се упативме во болницата во Чаир. Не бев ни сигурна дека прснал воденикот, зошто само малку течност истече но рековме одиме да провериме. Уште во кола почувствував контракција и започнав со техника на дишење.

Породувањето траеше точно 24 часа, Елена се роди наредниот ден во 00Ч05, а за целиот ден јас немав пропуштено буквално ни една контракција а да не ја дишам со техника, зошто мислев дека така треба, што на моја среќа се покажа точно и преубаво за моето искуство. Кога стигнав ми кажаа дека е пукнат водењакот, ме облекоа во наметка, ме ставија на ЦТГ и ме однесоа на одделението за патолошка бременост. Јас имав симнато апликација за следење на контракции и во текот на тие 24 часа постојано следев како се движат контракциите. Ги чувствував како затегање на стомакот дека се случуваат секои 10тина минути но не беа воопшто болни. Цимерката офкаше од болка, па така си реков се уште е рано за мене. Сестрите поминуваа, ми правеа ЦТГ и иако им викав дека чувствувам контракции, велеа дека тоа не се “тие” контракции кои треба да ги имам за породување, ми рекоа кога контракциите ќе ти бидат неиздржливи тогаш ке ни кажеш.

Дојде утро, па пладне, а јас цело време ги дишев тие неболни контракции кои варираа во времето на доаѓање. Сите девојки доаѓаа и си одеа на породување и почнав да станувам навистина нестрплива, кога ли ќе дојдат тие неиздржливи контракции. Многу девојки викаа за време на контракциите што од денешна гледна точка е навистина грешка во справувањето со болки бидејќи залудно се троши енергијата и само одмага на целиот процес.

Дојде вечерта и бев веќе преуморна бидејќи немав спиено повеќе од 24 часа. Околу 21Ч00 ме совлада уморот и спиев седечки потпрена на креветот и секоја контракција ме будеше ( беа отприлика на 10 минути, станував дишев и паѓав во кома буквално). Така одморив еден саат.

Тие 24 часа цело време ги шетав ходниците, напред, назад не зошто знаев дека стоечките позиции помагат, туку зошто така се чувствував поубаво и контракциите не болеа, а кога ќе легнев, на пример кога ме проверуваа на ЦТГ контракциите беа поболни.

Околу 23Ч00 часот шетав низ ходникот и на апликацијата мерев дека на секои 2 -3 минути имам контракција. Знаев дека кога толку се блиску контракциите блиску е и крајот ама никако не стигнав до тие неиздржливи болки кои бев сигурна дека мора да се случат пред самото породување поради сите приказни кои ги слушав предходно.

Ја викнав сестрата и и кажав дека чувствувам многу често контракции, ме стави на ЦТГ и одма направи сериозен израз на лицето, не ми рече ништо туку ме фати под рака да ме однесе кај лекарот. Бидејќи беше пукнат воденикот за да се избегне било каква инфекција обично не се препорачува мануелно мерење на отвореност (тогаш не го знаев ова исто така) па така во текот на целиот ден јас немав претстава дали се отварам, колку сум отворена и дали воопшто прогресира породувањето.

Лекарот ме прегледа вагинално и констатира дека целосно сум отворена и треба да ме однесат  одма на бокс. Јас бев во неверување, како е можно тоа да се случи, очекувањата ми беа премногуууу различни, поради тоа што немав болни контракции очекував да сум уште во некоја почетна фаза на породувањето, и бев сигурна дека треба да дојде тој момент кога ќе ги искусам страшните болки. Кога го кажа тоа искрено се израдував што толку лесно стигнав до овој момент, знаев дека треба да е потешко.

Кога ме однесоа на бокс повторно нешто чудно се случи кое посакував да го знам од предходно, а не го знаев. Имав фаза на одмор од околу 20 минути меѓу транзицијата и родилните контракции. Си седев и буквално ништо не се случуваше, ништо не болеше, сестрата ме прашуваше податоци и си одговарав најнормално на прашањата.

Одеднаш од памет ме извади првиот нагон на родилни контракции, не очекував така одеднаш да се појави и дека станува збор за така силни нагони. Со 3 туркања и епизиотомија Елена излезе во рок од 10 минути. Не ми се веруваше, заврши се, немаше болки.

Чекав само да видам дали е добро и ми ја ставија на стомаче. Никогаш нема да го заборавам  тоа топло мало лиценце и среќата што ја почувствував. Тие два дена во болницата Чаир ми беа најубавите денови во мојот живот и засекогаш ќе останат моето happy place.

Откако ја земаа Елена ја родив и постелката и акушерката ми направи масажа на матката која според мене беше најболното искуство во текот на породувањето, а искрено не ни знаев што се случува кога одеднаш ме фати за стомакот, посакувам да бев спремна и информирана. Самата епизиотомија воопшто и не ја почувствував, а шиењето беше со локална анестезија и исто така не беше болно. Лекарите одма со пофалби за целата спремност а јас искрено бев превозбудена и среќна што конечно ја запознав Еленче.

Кога ја раскажував приказната кога се вратив дома, на сите им беше чудно како може безболно да се породиш, дури и ме ставија во мисла за второто породување дали навистина и тоа ќе помине така лесно. За моја среќа беше уште полесно и поинтересно, ама за тоа ќе ви раскажам во наредната прилика…

П.С. Знам колку болни и тешки можат да бидат породувањата, да мислите дека не можете да продолжите или дека не можете да издржите понатаму, верувајте секакви искуства имам слушнато и знам какви се сценарија можат да се случат, ама ете по некоја среќа моето породување навистина беше лесно и за тоа сум благодарна. Ако уште некој има слична ( или различна ?) приказна, ве охрабрувам да споделите и да ми ја испратите да ја објавам..

и за крај еден мал извадок од мојата “Книга на среќата” (тетратче исполнето со среќните моменти од животот на Елена )за нашата прва средба….

 

 

 

 

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.