Home » Постпородилна депресија: интервју со Елена Џебр, м-р по клиничка и советодавна психологија

Постпородилна депресија: интервју со Елена Џебр, м-р по клиничка и советодавна психологија

Одговори за вашите прашања за постпородилната депресија

by mamma.mk

Постпородилната депресија е честа и сериозна ментална состојба која ги вклучува новите мајки. Се проценува дека една од седум жени се соочува со искуството на постпородилната депресија, што може да има огромно влијание врз добросостојбата на жената, како и на добросостојбата на целото семејство. Сакале ние или не, мајката е главната личност која се грижи за бебето во текот на првата година. Тоа е многу природен процес, но и многу тежок. Кога велам тежок, не мислам дека жената ги нема сите капацитети да се справува со сите промени, туку тежок затоа што бара многу „труд“, многу енергија од мајката, огромни промени, испрекинат сон, многу незнаење и многу природен страв. Во меѓувреме, се случуваат многу хормонални промени, па телото на жената прави една прекрасна магија, создава нов орган, плацентата, каде се создава нов живот. Ако погледнеме на бременоста и на породувањето, можеме да видиме колку енергија се троши кај мајката, но и колку самата мајка се менува. Не само што се менуваат хормоните, туку и дел од ДНК на бебето останува да живее во мајката, што значи дека таа носи доживотно дел од нејзиното бебе во себе.

Постпородилната депресија е тема на која колку и да се зборува, секогаш е малку. Зошто го велам ова? Затоа што од секојдневната пракса, искуството е дека многу малку жени се свесни за оваа состојба и често ја занемаруваат. Интересно е што постојат многу искривени ставови за самата појава, па на мајката и се припишуваат епитети како слаба, нерезилиентна, неедуцирана, лоша мајка, слаб карактер, напорна, досадна, плачка, како таа да драматизира многу, итн. Сите овие ставови, како и самата стигма на оваа тема прават мајката да се плаши да се пројави и да побара помош и поддршка, прво од најблиските, а потоа и од стручно лице доколку постои потреба и состојбата се влошува.

Почестите симптоми на поспородилна депресија се:

  • –        Промени во расположението со нагласок  на депресивното расположение
  • –        Претерано плачење
  • –        Проблем со остварување на врската мајка – бебе
  • –        Намален или зголемен апетит
  • –        Дистанцирање од блиските
  • –        Намалена енергија и постојано чувство на замор
  • –        Гнев
  • –        Намален интерес за активности
  • –        Чувство на безнадежност, безвредсност, вина и неадекватност
  • –        Намалена комцентрација и разумно размислување
  • –        Мисли за самоповредување или повредување на бебето

Постојат и други симптоми, но овие се најчестите кои се сретнуваат кај повеќето жени. Сите овие симптоми може поединечно во одреден момент да ги чувствува секој, но доколку се присутни неколку во исто време и со посилен интензитет, тогаш многу е веројатно да станува збор за постпородилна депресија. Ве молам да не се дијагностицирате сами, затоа што некои симптоми се поклопуваат и со други состојби. Истите симптоми може да бидат во блага форма, но и да се толку силно изразени што бараат итна стручна помош.

Причината за појава на оваа состојба не е доволно истражена, односно, причината е многу индивидуална. Постојат многу истражувања, па додека некаде е од дисбаланс кој е од физичка природа, некаде е поради загуба на голема количина на крв при самото породување и постпородилниот период, а кај некого може да е поради траума (често породилната траума). Многу фактори играат улога, јас во моето искуство би го нагласила недостатокот на сон, недостатокот на поддршка од околината, недостатокот на поддршка во себе и претходни состојби со менталното здравје.

Многу е важно да се издвои една друга состојба која се нарекува „бебе блуз“, а е многу слична со постпородилна депресија. Бебе блуз се појавува веднаш после породувањето,  а трае најмногу три недели после чинот на породување.

Симптомите се многу слични:

  • –        Промена во расположението
  • –        Анксиозност
  • –        Тага
  • –        Чувство на преплавеност
  • –        Плачење
  • –        Промени во апетитот
  • –        Проблеми со спиење

Раѓањето на бебе е прекрасен процес кој носи многу силни емоции. Од една страна се радоста и возбудата, а од другата страна се стравот и анксиозноста.

Во продолжение ќе одговорам на вашите прашања кои пристигнаа:

Дали е можно постпородилната депресија да трае и година дена подоцна?

–        Да. Постпородилната депресија се појавува после првиот месец од породувањето, а може да се појави и една година подоцна. Искуството е различно кај секоја жена, би рекла дека многу често се појавува околу шестиот месец.

Исто така, многу често се појавува силна анксиозност и неможност да заспие мајката, дури и кога бебето спие, што е многу голем показател дека нешто се случува со неа.

Дали некогаш ќе помине?

–        Во зависност од интензитетот на симптомите и поддршката која ја има мајката, истата може да помине побрзо или поспоро. Секако дека поминува, но потребно е свесност за истата, третман и поддршка. Секогаш препорачувам разговор со стручно лице за индивидуални насоки и поддршка. Но, во процесот е многу важна и поддршката од најблиските, но и од себе, односно да е свесна за состојбата и тоа дека таа мора да преземе одговорност и да промени нешто како би се чувствувала подобро.

Дали мора да се престане со доење доколку се препише терапија?

–        Фармакотерапија припишува лекар, психијатар. Терапијата која ќе ја препише може да биде во ред да се прима и додека доите. Доењето е важен фактор за постпородиланта депресија. Повеќето истражувања докажуваат дека мајките кои дојат помалку се депресивни или полесно излегуваат од оваа состојба. Во секој случај се дава предност на доењето, па барајте од лекарот да ви препише терапија која е во склад со тоа. Психотерапијата е друг третман кој би рекла дека е задолжителен. Секако дека фармакотерапијата е огромна поддршка, но кај поблаго изразени симптоми и онаку каде што суицидните мисли не се изразени, психотерапијата е подобра поддршка. Некаде, идеално е комбинација од двете. Многу е важно дали постои воља кај самата личност, па доколку има многу малку енергија и не може да се покрене, тогаш е навистина важно да се воведе фармакотерапија како би се помогнале физичките процеси и личноста подоцна би можела да се вклучи активно во процесот и на психотерапија. Не е важно само да се почне со психотерапија, туку е многу важно како ќе се вклучи мајката во процесот на психотерапија.

Како да ја препознаеме дали е постпородилна депресија доколку личноста имала претходно депресивни периоди?

–        Така што нема да се трудите вие да ја препознаете туку ќе се обратите кај стручно лице за поддршка. Многу е поголема веројатноста да се појави во постпородилниот период доколку сте ја имале и претходно, па затоа е важно многу да се грижите за себе и да внимавате на знаците, како и на поддршката која ја имате во и надвор од себе. На психотерапија често не е важно кога се појавила, туку зошто, па се работи на јакнење на капацитетите и поддршките. Препорачувам да се работи со психотерапевт.

Ти благодарам премногу @elena.djebr што одвои време и ни даде одговор на овие прашања.

Навистина се надевам дека оваа статија ќе ви помогне и ќе ве насочи.

Доколку сакате да прочитате повеќе за Елена може да ја посетите страната elenadjebr.com

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.