Home » Приказна за моето скоро БЕЗБОЛНО породување со ЈОАНА

Приказна за моето скоро БЕЗБОЛНО породување со ЈОАНА

by mamma.mk
Многу од вас ми пишаа да го споделам моето породилно искуство со Јоана, па конечно најдов време да го ставам ова преубаво искуство на лист.
Приказната за безболно породување со Елена веќе ви ја раскажав и може да ја прочитате ТУКА. Тоа е и една од главните причини зошто станав едукатор за породување, низ едукацијата моите ментори секогаш се шегуваа дека јас сум единствената која станала едукатор поради безболно искуство при породување, велеа обично потешки искуства ги тераат жените да се насочат кон едукација за породување. Но мојата желба беше да споделам со вас што е можно повеќе информации и знаење околу породувањето, дека постојат начини да се олесни овој чин на породување, не да го направат безболен, туку по “издржлив”. Постојат многу начини да се справувате со болката за време на породувањето но за жал овие информации не се многу познати и достапни на нашите простори, па голема желба ми беше да го променам тоа.
Поради безболното прво искуство искрено не знаев што да очекувам овој пат, бев решена дека сакам спонтано, без медикаменти против болка и со што е можно помалку интервенции, секако доколку ситуацијата тоа го дозволи, но се разбира никој не може да предвиди како ќе тече породувањето и едноставно има работи врз кои не можеме да влијаеме.
Породувањето е еден многу непредвидлив чин, никој не може да знае како ќе се одвива и како ќе заврши. Може навидум нормална бременост со нормален почеток на породување да заврши со асистирано породување, провокации и итен царски поради бројни причини.
Сите ние сме различни, имаме различни тела, различна перцепција на болка, различна состојба на умот различно се носиме и справуваме со многу ситуации во животот. Па така, милиони жени кои се породиле своето искуство ќе го опишат како екстремно болно тешко, можеби и трауматично, други ќе го објаснат како подносливо, а трети како позитивно, пријатно па дури и безболно. И сите тие се точни описи на искуствата. Породувањето е лично искуство, субјективно, не може некој да ви каже како вие сте се чувствувале на тој чин. Можеби за вас било тешко или лесно, но тоа е ваше лично доживување, ваше искуство и не може да се споредува со друго, како што е и ова подолу мое.
За разлика од првата бременост каде што не чувствував многу лажни контракции, оваа вторава, штом навлегов во 9ти месец може да кажам дека постојано ги чувствував. Доаѓаа и си одеа нерегуларно, но ги чувствував скоро секој ден. Во 37ма недела на првиот преглед ми кажаа дека се е во ред со мене и бебче и дека сум отворена 2 цм, но дека нема знаци за почеток на породување.
Тоа траеше 3 недели, редовно одев на прегледи, во 38ма недела бев 3 цм отворена и го изгубив крваво мукузниот чеп. Бев многу возбудена мислев дека породувањето ќе настапи секој момент, но деновите поминуваа и јас се породив дури во 39та недела точно 1 ден пред термин. Прегледите станаа почести на 2- 3 дена и на последниот преглед ми кажаа дека бебето е во добра позиција дека сум 4 цм отворена, но дека породувањето може да настапи и наредната недела бидејќи немаше контракции.
Кога ги виде резултатите од ЦТГ сестрата ми рече дека дошло време да се породам и веднаш ја викна докторката. Таа ме прегледа и ме праша те боли? И реков дека се уште не чувствувам болки.
Се свтре насмеана баш со зборовите “не ме зезај”? и рече отворена си 9 прсти веднаш носете ја горе на бокс. Немаше време, не ме ни пресоблекоа дирекно ме качија во родилната сала со фустанче. Во родилната сала веќе почнав да чувствувам посилни контракции, по малку болни, но многу издржливи, па ја применував техниката на дишење: дување свеќа бидејки знаев дека сум во фаза на транзиција односно отварање од 9 до 10 цм. Бидејќи се уште не ми беше прснат воденикот, докторката го направи тоа, воопшто не е болна процедутата, но по тоа почнаа навистина интензивни контракции проследени со нагони на туркање.
Е ова беше најинтензивниот дел од целото породување, контракциите беа болни, доаѓаа на 2-3 минути и со нагони на туркање. Докторката ми рече да не туркам дека се уште не е време. Дишењето со техника дување свеќа правеше ЧУДА за да се издржат овие контракции. Знаев дека овој дел е прилично краток, го држев сопругот за рака и целото внимание и фокус ми беа на дишењето НИШТО ДРУГО не постоеше само фокус и контрола на дишење. Со дишењето успевав многу добро да ја исконтролирам целата ситуација. Сето ова траеше 10тина минути и конечно добив зелено светло од докторката дека е време за втората фаза од породувањето.
Јоаче излезе со 4 кратки туркања, брзо, но со преинтензивнаа сензација. Споредбата ја правам со Елена која поради епизиотомија како буквално да излезе прелесно, и не го почуствував делот со туркањето како тежок, додека овој пат( голема благодарност до сестрата која ме водеше) немаше епизиотомија и навистина го почувствував оној така наречен  ring of fire кога излегуваше главчето на бебето. Во тој момент сестрата ме замоли да престанам со туркање што претпоставувате беше голема и тешка задача во тој момент. Дишев брзо и плитко за успеам во тоа, и за среќа сето тоа траеше многу краткоо само некоја минута и Јоанче конечно дојде на свет.
Се се заврши за 20 минути, беше 20Ч10 кога за прв пат почувствував болна интензивна контракција, а таа се роди во 20Ч30. За малку можам да кажам дека беше скоро безболно породување….
Ми ја дадоа веднаш, а сопругот ја пресече папочната врвца. Веднаш ја прегледаа и доби Апгар скор 10 /10, ја замотаа во ќебенце и ни ја дадоа ❤️ Мало чудо од 3200 гр и 48 цм гледаше со подуени очиња во нас. Која среќа, новиот член во нашето семејство конечно пристигна.
Кога дојде докторката утредента во посета ми рече: “Ти имаше породување од бајките” и да знаете дека беше така, се помина така брзо, лесно, опуштено, а јас бев навистина опуштена, спремна и смирена…
Првите неколку денови во болница беа вистинска магија, нема зборови да се опише тоа чувство на исполнетост и среќа… но секако и од друга страна постпартум закрепнувањето не е баш едноставно.. а за тоа ќе ви раскажам во наредна прилика…

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.