Home » Докторите велеа “Ова е чудо”

Докторите велеа “Ова е чудо”

by mamma.mk

Уште една приказна од идна мамичка која ме остави без зборови… Верувајте во вашите чуда…

“Мојата приказна и прашањето за моето потомство започна прилично рано, кога сеуште не размислував воопшто на темата бременост.

Во 2018 година, тогаш јас девојка од 22 години, потполно сконцентрирана на студиите и кариерата се оперирав од ендометриоза на левиот јаjник. Иако со голема шанса да ми биде отстранет целиот јајник поради големината на цистата, докторот вешто го избегна тоа и дел од јајникот беше зачуван. Уште тогаш советите беа најбрзо што би можела да забременам за да не се доведам во ситуација од која потешко се излегува.

Поради сплет на околности одлуката со партнерот да имаме дете ја донесовме на почетокот на 2021 година, но заедно со одлуката ја примив и веста дека ендометриозата се вратила пак. Почнаа обидите, но по 6 месеци без успех двајцата бевме испратени на дополнителни испитувања.

Неговите резултати не беа добри, но даваа простор за корекција. Додека пак моето хормонско испитување покажа дека влегувам во менопауза, дека резервите на фоликули се потрошени, а нивниот квалитет ослабнат.

На 25 години судбината се обиде да ми го одземе најубавиот дел од иднината. Моментот кога седев на столчето пред докторот, истиот тој момент кога ми беше кажано дека речиси немам шанси да имам свое дете… тоа беше кршење на моите фантазии и желби. Ми рекоа можеби и следниот месец со ваков резултат нема да добиеш циклус. И се почувствував како најголемиот страв, оној со кој се соочував минатите години да се исполни, како животот пред нос да ми го стави она со кое не сакав да се сретнам. Во истата секунда се замислив себе без потомство, без свој дом, како за џабе да се вложував во се до тој момент, си мислев “Господе сега со кого ќе го споделам она што ќе го имам, она што ќе го доживувам, како ќе научам да живеам само со сама себе, како ќе се помирам дека можеби предолго чекав и си ја одземав шансата да бидам мајка”.

Веднаш ми беше кажано дека единствената можност е да направам веднаш Ин-витро. Се фатив како давеник за таа можност, веднаш превземав и направив се, сите испитувања и спремна отидов кај докторот кој го одбравме за постапката.

После долга анализа, преглед, објаснување од страна на докторот, прецизирање кога да започнеме со постапката за Ин-витро најдоброто беше оставено за крај. Ми рече дека според она што го гледа на ехо речиси е сигурен дека има рана бременост и истото да го потврдам со тест.

Буквално не поверував во ова, си отидов уверена дека не е можно баш сега тоа да се случило кога веќе се откажав. Но тестот наредниот ден ме увери во спротивното-јас бев бремена.

Јас истата онаа која си се изнаплака над судбината, која изгуби надеж, која се разочара и која не можеше да спие бидејќи го изгуби мирот и спокојот. Го гледав тестот и не можев да верувам дека мене ми се случи токму ова, дека мене среќата ми се насмевна. Едвај чекав да споделам со светот, на сите да им кажам дека под моето срце чука и друго, срцето на моето дете, дека во моето тело расне ново, кревко човече, мојата вечна енергија и сила, дел од мојата душа.

На неколкуте прегледи во текот на бременоста од докторите добивав ист коментар “Ова е чудо”. Не дека не верував во чуда, само не верував дека мене можат да ми се случат, не верував дека ќе создадам мое мало чудо.

Токму она за кое неколку години се молев, за кое сонував, она без кое не можев да замислам иднина, она за кое ми застануваше кнедла во грло од страв да не не го добијам. Истото тоа чудо сеуште живее во мене, заедно раснеме и го чекаме денот кога ќе се запознаеме. Не знам за него ама јас секој ден го замислувам моментот кога она од кое се откажав ќе ги скрши сите правила и ќе заплаче во моите прегратки.

За некоја недела ќе ги делиме заедно утрата и ноќите, ќе блесне мојата ѕвезда.
Никогаш не се откажувајте, верувајте во универзумот и во среќата. “

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.