Бременоста е еден од најубавите, но и најпредизвикувачките периоди во животот на секоја жена. Како мајка која го поминала овој пат, можам да ви кажам дека ова е време кога сè се менува – од вашето тело до вашите емоции и односите со луѓето околу вас.
Промени во телото
Прво, да зборуваме за промените во телото. Од моментот кога ќе дознаете дека сте бремени, телото започнува да се менува. Хормоните играат голема улога во овие промени, и тоа може да значи дека ќе се чувствувате уморни, ќе ви биде мачно и понекогаш ќе бидете нервозни или пак ќе имате променливо расположение. Можеби ќе забележите дека некои работи што порано не ве вознемирувале, сега ќе ве доведат до солзи. Телото се менува, стомачето расте, се зголемува вашата телесна тежина.
Јас лично многу пати се најдов во ситуации кога сум била фрустрирана од тоа што не можев да ги правам обичните работи поради зголемената тежина, како на пример во последниот месец да си облечам патики сама 🙂
Емоционални и психолошки промени
Покрај физичките промени, бременоста носи и многу емоционални предизвици. Се сеќавам на моменти кога се чувствував преплавена од мислата дека ќе бидам мајка. Ако и вие очекувате прво дете, веројатно ќе почувствувате слични емоции. Анксиозноста и несигурноста се нормални, но тие можат да бидат многу интензивни. Во мислите често никнуваат 100тици прашања з новиот живот со бебе, како ќе се грижите за бебето, како ќе се промени вашиот живот, како ќе помине породувањето. Знајте дека не сте сами – многу жени поминуваат низ истото.
Промени во односите
Бременоста влијае и на вашите односи, особено со вашиот партнер. Ова е време кога и двајцата треба да се прилагодите на новите улоги. Можеби понекогаш ќе има моменти на недоразбирања и напнатост, но отворената комуникација и поддршката се клучни. Доколку има нешто што ве мачи важно е отворено да разговарате со партнерот за вашите чувства и очекувања.
И покрај сите предизвици, бременоста е волшебно искуство. Да, постојат моменти кога е тешко, кога се чувствувате уморно и понекогаш преплавено, но знајте дека ова е дел од патот кон мајчинството. Со поддршка од вашиот партнер, семејството и пријателите, ќе успеете да ги надминете овие промени и да се подготвите за најубавото искуство – донесувањето на нов живот на свет.
Секој момент од ова патување вреди, бидејќи на крајот, вие добивате најголемото богатство – вашето дете.